ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание ја навредуваше претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и претставниците од ЕУ ги прогласи за нацисти. И наместо да се извинат, денеска продолжуваат, ВМРО-ДПМНЕ вели дека Фон дер Лајен лажела. Александар Пандов, претседател на партискиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, јавно рече дека Фон дер Лајен во македонското собрание лажела за македонскиот јазик, обвинија од СДСМ.
Од партијата додаваат дека целата македонска, но и меѓународната јавност имаше можност да чуе дека Фон дер Лајен во име на Европската комисија потврдува дека сме Македонци кои говорат македонски јазик и дека тоа ЕК го почитува.
-Секогаш кога македонскиот јазик идентитет и посебност се потврдени, секогаш кога државата прави исчекор кон ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ имаат проблем и се нервозни. Ова е срамно однесување на ВМРО-ДПМНЕ за секаква осуда и за кое треба да се извини, стои во партиското соопштение од СДСМ.