Груевска: Убиецот на мојот сопруг и татко на две деца наместо казна, доби награда

од Vladimir Zorba
944 прегледи

Ноќта на 26 јануари 2022 година на раскрсницата кај ТЦ ЛИСА лицето Т.М. управувајќи со сопствено возило без возачка дозвола под дејство на алкохол, движејќи се со поголема брзина од дозволената, престигнувајќи друго возило, а притоа и поминувајќи на запалено црвено светло на семафорот, директно удира во возилото на сопругот на Ирена Груевска, во кое се наоѓала и нивната малолетна ќерка.

Како последица од ударот сопругот починува на лице место, а ќерката се здобива со тешки телесни повреди и трауми.

По три месеци односно на 17 мај 2022 година се одржува главната расправа во Основниот Кривичен Суд Скопје, од кој таа и нејзините деца очекувале правда за нанесената загуба. Обвинетиот ја признава вината по сите обвиненија и наместо да добие казна тој, според неа, добива награда: затворска казна од 4 години и 6 месеци и домашен притвор.

Во изречената казна му се засметува времето поминато во притвор, сметано од 26 јануари до 17 мај 2022 година и куќниот притвор сметан од 18 мај 2022 година до правосилноста на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор изречена со оваа пресуда но најдолго додека НЕ ИСТЕЧЕ ВРЕМЕТО НА ТРАЕЊЕТО НА ИЗРЕЧЕНАТА КАЗНА ЗАТВОР, ја цитира пресудата Груевска за „Локално“ .

„Со други зборови – купување на време во домашен амбиент и семејна идила додека траат судските процеси. А до кога ќе траат? До истекување на затворската казна… Па веќе и поминаа шест месеци кои ќе се одземат од изречената пресуда“, истакнува таа.

При одредување на видот и висината на казната судот го зема во предвид како олеснувачка околност дека обвинетиот е млада личност, со завршено средно образование, невработен, неженет, во добра здравствена состојба и признал дека е виновен.

„Признавањето за свесно одземен живот неможе и не смее да биде олеснителна околност за пресудата, туку правец во издржување на казна. Да признаеш дека си виновен и се каеш, а притоа да бараш домашен притвор и минимална затворска казна. Дрско, несовесно, неморално, неетички“, вели Груевска

– Самата помисла, продолжува таа, „дека убиецот на мојот сопруг веќе три месеци се буди секој ден во својот дом покрај своите двајца родители (за разлика од моите деца кои секој ден се будат во тага). Додека тој ужива комодитет во својата семејна атмосфера (за разлика од нас, нашата семејна атмосфера е опфатена со болка и тага која мене и моите деца не убива секојдневно)“.

„Не убива неправдата која ја добивме од Кривичниот Суд. А која е олеснителната околност за добивање на правда кон мене и моите деца? Кон мојот прерано починат сопруг? Зар признавањето на сторено тешко дело е доволно за минимална затворска казна и домашен притвор. Домашен притвор за личност кој свесно со своите постапки убива човек е НАГРАДА а не казна. Тој што признава дека направил прекршок треба да биде казнет а, не награден“, децидна е Груевска.

Прашува дали судот ја зема во предвид младоста на нејзините деца кои без никаква вина останале без нивниот татко, дали судот зема во предвид дека животот им се претворил во тага и болка секој ден поради нечија несовесност.

„Каде е правдата за нас? На чија страна е? Дали законите постојат за да се почитуваат или не? Колку вреди човечкиот живот? Но јас и моите две деца не се откажуваме“, посочува таа и додава дека правдата ќе ја бара на Апелација.

„Бараме затворски притвор, наместо домашна идила. Местото каде што треба да биде личноста која ја призна вината за смртта на мојот сопруг е затворот и заслужена поголема затворска казна. Надежта последна умира – така велат. Ние се надеваме дека правдата ќе биде на наша страна. Имаме право на тоа. Законски, морално, етички“, завршува Груевска за „Локално“.

В.З.

Слични содржини