Железницата на Србија најави реконструкција на пругата Ниш-Прешево-Македонија за големи брзини

од Vladimir Zorba
271 прегледи

Железницата на Србија најави проект за реконструкција на пругата Ниш-Прешево-Северна Македонија за возови со голема брзина во должина од 92 километри како дел од проектот за модернизација на коридорот Белград-Ниш-Прешево. Вредноста на работите на овие делници од пругата е 182,25 милиони евра, а ја финансираат ЕИБ со 90,5 милиони евра и ВИБФ со 4 милиони евра, како и Србија со 14,67 милиони евра. Завршувањето на проектот се очекува до крајот на 2025 година.

Како што соопшти регионална платформа која собира професионалци во областа на транспортот и логистиката, порталот Плутонлогистикс, модернизацијата на овој дел од железницата опфаќа работи на делниците Брестовац-Винарци, Орево-Врањска Бања, Ристовац-Бујановац и Букаревац-Прешево-граница со Северна Македонија.

– Делницата Ниш-Прешево е една од најстарите железнички линии во Србија и најважната делница на Коридорот 10. Оваа електрифицирана линија долга 151 км се користи за најголемиот дел од транспортот во Србија, соопшти Плутонлогистикс.

Во рамки на проектот е предвидена и санација и доградба на железничката линија Белград-Ниш во должина од 228 километри.

Вкупните проценети трошоци за модернизација и реконструкција на коридорот Белград-Ниш-Прешево во должина од 350 километри (поделен на неколку делници) изнесуваат 2,5 милијарди евра.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе и додели на Србија државен заем од 500 милиони евра за реализација на овој проект.

Слични содржини