Пронајдена веројатната причина за мистериозната појава на детски хепатитис

од Stefanija Kuzmanovska
230 прегледи

Пронајдена е веројатната причина за мистериозната појава на детски хепатитис, бидејќи експерти од Велика Британија веруваат дека ја идентификувале причината за неодамнешниот бран на проблеми со црниот дроб што ги погодуваат малите деца ширум светот.

Истражувањата сугерираат дека два вообичаени аденовируса се вратиле по завршувањето на заклучувањето поради пандемијата на ковид-19 и предизвикале ретки, но многу сериозни случаи на хепатитис, јавува Би-Би-Си.

Се смета дека се погодени повеќе од 1.000 деца во 35 земји, од кои многу се на возраст под пет години.

На некои, вклучително и 12 деца од Велика Британија, се вели дека им била потребна трансплантација на црн дроб за да си ги спасат животите.

Два тима на истражувачи, од Лондон и Глазгов, велат дека бебињата се изложени на овие вируси подоцна од вообичаено, а сето тоа поради ограничувањата поради ковид, пропуштиле порано да стекнат имунитет на аденовирус, кој обично предизвикува настинки и стомачни проблеми.

Се додава дека ова може да објасни зошто некои развиле невообичаени и загрижувачки компликации на црниот дроб.

Би-Би-Си известува дека повеќето деца кои се заразуваат со овие типови на вируси брзо се опоравуваат и не е јасно зошто некои развиваат воспаление на црниот дроб, па можеби генетиката може да игра улога.

Научниците отфрлија каква било поврзаност со коронавирусот или вакцините против ковид.

Еден од истражувачите, професорката Џудит Бројер, експерт за вирологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, рече дека кога, за време на периодот на изолација, децата не се мешаат, тие не пренесуваат вируси едни на други.

Таа нагласува дека децата на тој начин не изградиле имунитет на вообичаените инфекции со кои инаку би морале да се соочат, но кога се укинале ограничувањата, децата почнале да се мешаат.

– Тогаш вирусите почнаа слободно да циркулираат и наеднаш, поради немањето претходен имунитет, децата беа изложени на цела маса нови инфекции – рече професорката.

Слични содржини