Причината за смртта на Навални сè уште неутврдена; Неговата мајка: „Руските власти одолговлекуваат“

од Stefanija Kuzmanovska

Руските истражители сè уште не ја утврдиле причината за смртта на Алексеј Навални и не е јасно колку време ќе биде потребно за официјалните резултати, ѝ било кажано на неговата мајка, изјави во понеделникот портпаролката на Навални, Кира Јармиш.

Навални (47) изгубил свест и починал во петокот по прошетката во казнената колонија „Поларен волк“ во Харпа, на околу 1.900 километри североисточно од Москва, каде одлежувал тридецениска казна, соопшти затворската служба.

На мајката на Навални, Људмила, во саботата ѝ било кажано во затворската колонија дека тој починал од „синдром на ненадејна смрт“.

Јармиш изјави дека на неговата 69-годишна мајка и на адвокатите им било кажано дека официјалната истрага за причините за смртта е продолжена и дека не е јасно колку долго ќе трае.

„Причината за смртта е неутврдена“, наведе портпаролката, додавајќи дека руските власти лажат и одолговлекуваат.

„На неговата мајка и адвокатите не им беше дозволено да влезат во мртовечницата во арктичкиот град во близина на затворската колонија каде властите соопштија дека тој починал во понеделникот. На прашањето дали телото на Алексеј е таму, персоналот не дал одговор“, истакнала Јармиш, пренесува „Ројтерс“.

Слични содржини