Поднесено обвинeние: За пожарот во тетовската модуларна болница ќе се гонат три лица

од Nikola Popovski
215 прегледи

Јавното Обвинителство подготви кривични пријави за едно правно и три физички лица, по трагедијата во тетовската модуларна болница во која починаа 14 лица.

-Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик,  третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, велат од Обвинителството.

Досега јавно беа обелоденети само детали од извештајот којшто го изготвија македонските крим-техничари кои на 10 октомври го доставија својот извештај до обвинителите коишто ја водат истрагата. Македонските крим-техничари утврдија дека пожарот во модуларната болница во Тетово настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Во истрагата, покрај домашните истражни органи, се вклучија и германски експерти.

Пожарот, во кој изгореа 14 лица, 12 пациенти и две лица придружба, се случи вечерта на 8 септември 2021 година. Според видеото од безбедносните камери се виде дека објектот изгорел за три минути.

Слични содржини