Вкупно 72 претставки за безбедност на храната од кои 12 за променети органолептички својства кај млечни и сувомесни производи, 10 со наводи за присуство на контаминенти, 10 за сомнеж во безбедноста на производите и осум за сомнеж за труење со храна, се поднесени до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во првите шест месеци од годинава.
Сепак, податоците на Институтот за јавно здравје со кои располага АХВ, покажуваат дека досега е евидентиран само еден случај на труење со храна, неодамна, во фабриката „Кромберт” во Битола.
Како што вели за МИА директорот на АХВ, Николче Бабовски, продолжуваат засилените и вонредните инспекциски контроли, посебно во туристичките центри, зашто во ек е летната сезона.
„Целта на засилените контроли е спречување евентуални труења и инфекции од храна кои лесно може да се случат како последица на високите температури. Со контролите се опфатени сите туристички центри, вклучително и планинските. Официјалните ветеринари и инспекторите вршат надзор на хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе-барови, маркети и други оператори со храна, каде во овој временски период има зголемена фреквенција на туристи“, нагласува Бабовски.
Зајакнати контроли, дополнува директорот, се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места.
Но, паралелно со контролите, се постапува и по поднесените претставки од страна на потрошувачите, а се спроведува и мониторинг програмата за безбедност на храната во рамки на која се земаат мостри од различен број производи и лабораториски се тестираат.