Повредени 35 мигранти во синоќешната сообраќајка на патот Гевгелија – Демир Капија

од Vladimir Zorba
195 прегледи

Триесет и пет мигранти од вкупно 49 се повредени во синоќешната сообраќајка која се случи на магистралниот пат Гевгелија-Демир Капија на клучката за село Марвинци откако камион „сканија“ со скопски регистарски, таблички, во кој се превезувале мигрантите, излетал од патот.

Според информациите од портпаролот на СВР Струмица, Александра Трајанова, еден од мигрантите е со потешки повреди, а останатите имале полесни повреди.

-Според кажувањата на мигрантите сите се од Сирија, бидејќи некои имале патни исправи, а некои немале. Синоќа во 18:10 е пријавено дека товарно возило излетало од патот на клучка од село Марвинци кон М1 регионален пат Гевгелија – Демир Капија. Возачот побегнал, а на местото на излетувањето на камионот се пронајдени мигрантите, изјави Трајанова.

Повредените биле пренесени во гевгелиската и струмичката болница, а по укажаната помош еден е задржан на лекување во Гевгелија и еден е испратен на понатамашно лекување во Клиничкиот центар во Скопје.