Се воведува забрана за извоз на семе од сончоглед

од Vladimir Zorba
132 прегледи

На денешната владина седница, Владата на Република Северна Македонија ја усвои одлуката за воведувањето на забрана за извоз на семе од сончоглед.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Минстерството за економија, доставија Одлука за дополнување на Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки, со која предложија до Владата на Република Северна Македонија ограничување на извозот на нова тарифна ознака 1206 00- семе од сончоглед, вклучувајќи кршени или дробени. Рокот на примена на овој тарифен број ќе продолжи да важи до 31 декември 2022 година, како што е уредено во Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки (,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр. 166/22), со број 41-5943/1 од 20 јули 2022.

Причината за дополнување на Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки со тарифната ознака 1206 00- семе од сончоглед, вклучувајќи кршени или дробени е да се овозможи по завршување на жетвата која треба да започне во втората половина на август, најпрво да се снабди домашниот пазар односно домашните капацитети на производство на масло од сончоглед за јадење.

Во изминатиот период во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа одржани состаноци со производители и откупувачи на сончоглед при што беше заклучено дека во државата има доволни количини и финансиски средства за откуп на сончогледот од регистрираните откупни претпријатија. Во 2022 година очекуваме производство на 11.800 тони сончоглед и имаме доволни количини за покривање на 2 месеци од домашните потреби.

Со цел поддршка на производството на сончоглед, МЗШВ креираше неколку мерки.

За прв пат оваа година преку интервентната програма се обезбеди финансиска поддршка за вештачко ѓубриво за сончоглед и тоа 40% од цената или 2.500 денари по хектар како дополнителна мерка на основната финансиска поддршка по 11.000 денари на хектар без користење на сертифициран семенски материјал и по 15.000 денари на хектар со користење на сертифициран семенски материјал.

Исто така, воведена е дополнителна мерка за произведен и предаден сончоглед со минимум 1.500 кг/ха во регистрирано откупно претпријатие, во износ од 5.760 ден/ха.

Целта на овие мерки е домашното производство да се предаде на домашните откупни претпријатија и тоа ќе се реализира со оглед дека кај производството на сончоглед од оваа година стартуваше договорно производство.

Слични содржини