СДСМ обвинува дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на прво место ги ставаат личните и партиските интереси.
-Освен што изминатите 10 месеци не работат ништо и парите на граѓаните ги трошат на лускуз и партиски вработувања, тие дополнително го влошуваат нивниот стандард со покачување на цените на комуналните услуги.
Општина Штип за 100 отсто ја зголеми цената на ѓубретарината. Зголемување на комуналните услуги за 25 отсто има и во општина Виница, додека во општина Радовиш се покачени давачките за комунални услуги. Во Прилеп пак, поскапе јавниот такси превоз, велат од утрово од владеачката партија.
Според СДСМ, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и нивните директори, за само 10 месеци успеале да ги задолжат и партизираат јавните претпријатија со кои раководат, за сега да бараат помош од Владата со цел да ја сокријат неспособноста.
-Тоа е лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ. Од една страна глумат загриженост за економскиот стандард на граѓаните, а од друга, нивните функционери летуваат на монденски локации, а нивните градоначалници удираат по џебот на граѓаните, порачуваат од партијата на власт.