ДЗР со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на МВР

од Vladimir Zorba
161 прегледи

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Министерството за внатрешни работи на сметката на основен буџет (631) за 2020 година, заедно со ревизија на усогласеност.

Со извршената ревизија за 2020 година, изразивме мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Извршена е ревизија и издаден е извештај за финансиските извештаи на Министерството за внатрешни работи на сметката на основен буџет (631) за 2007 година и изразено е мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции, информациите со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Исто така извршена е ревизија на усогласеност на начинот и постапките за доделување на договорите за јавни набавки кои се реализираат во 2015 година на Министерството за внатрешни работи и издаден е извештај во кој изразиле заклучок со резерва.

Од причина што од извршената ревизија е поминат подолг временски период во кој законската регулатива има претрпено измени, имплементацијата на дадените препораки од претходната ревизија не беше предмет на тековната ревизија.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи за 2020 година, заедно со ревизија на усогласеност, ги констатиравме следниве состојби:

– донесено е интерно Упатство во кое е уреден начинот на нарачка, прием и евидентирање, но не и начинот на вреднување на залихите на материјали (обрасци и регистарски таблици) при прием и издавање,

– СВР Скопје има доставено Извештаи за издадени обрасци и регистарски таблици до Одделот за финансиски прашања заклучно со 31.12.2018 година, поради што не е извршено навремено намалување на залихите на обрасците и регистарските таблици во финансиските извештаи,

– постапката за склучување на договорите за закуп на градежните објекти не е спроведена од страна на комисија за располагање со недвижни и движни ствар и за тоа не е известена Владата на РСМ,

– надоместоците за издадени пасоши, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни дозволи, регистарски таблици и останати обрасци, уплатени преку ПОС терминалите на деловната банка, се евидентирани збирно, поради тоа што месечните извештаи од банката не содржат податоци за уплатените надоместоци по поодделни приходни шифри, по уплатна сметка и нема податоци за кој вид услуга е извршено плаќањето, ниту од кое лице е извршена уплатата,

– не е воспоставена евиденција на одделните видови приходи од издавање на пасоши, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни дозволи, регистарски таблици и останати обрасци, согласно основот по кој истите се остваруваат,

– во 2020 година од страна на СВР Велес извршени се услуги за асистенција кон одредени коминтенти, за кои Министерството нема доставено фактури за нивна наплата,

– Министерството за 58% од евидентираните побарувања има поведено судска постапка за наплата, но не е извршено усогласување на состојбата со наплатените, ненаплатените и тужените побарувања помеѓу Одделот за финансиски прашања и Одделот за правни работи,

– воспоставениот систем на меѓусебна комуникација на организациони единици надлежни за водење на дисциплински постапки, утврдување на штети, водење на тужбени постапки за ненаплатени побарувања на вработени и Одделот за финансиски прашања надлежен за евидентирање на трансакциите во деловните книги, не обезбедува ефикасен систем за хронолошка и навремена размена на податоци и информации за евидентирање на промените на побарувањата како и на трансакциите во деловните книги,

– при спроведување на постапката за јавна набавка за изработка и испорака на регистарски таблици за моторни возила, утврдени се критериуми за техничка и професионална способност кои не обезбедуваат доволна конкуренција помеѓу економските оператори,

– во 2020 година воспоставен е начин на директна нарачка на регистарски таблици од страна на СВР, без склучување на поединечни договор-нарачки меѓу Министерството и носителот на набавката и

– за склучената рамковна спогодба за изработка и испорака на регистарски таблици за моторни возила не е воспоставено количинско следење на
набавките.

За утврдените неправилности дадени се препораки до одговорните лица на Министерството со цел преземање мерки за надминување на состојбите.