РЕК Битола изврши повремено тестирање на постројката ,,стартна котлара”, чија намена е да дава поддршка на блоковите при потреба за зголемено количество водена пареа за турбините, велат од АД ЕСМ денеска по објавата на лидерот на опозицијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски откако тој на својот Фејсбук профил објави видео и фотографии од РЕК Битола, каде може да се види како се испушта чад и издувни гасови.
-Таква проверка на функционалноста е направена денеска помеѓу 6.30 и 7.00ч, при што е утврдено дека истата е функционална и е на располагање да се вклучи во системот во секој момент, за краткотрајно зголемување на снагата на блоковите во одредени куси периоди во текот на производниот процес, велат од ЕСМ.
Од ЕСМ велат дека постројката работи на мазут, и во првите моменти од пуштачките операции има зголемено испуштање на чад и издувни гасови. По извршеното кусо тестирање, стартната котлара е повторно исклучена, се вели во соопштението.
АД ЕСМ вложува максимално напори за работење по сите стандарди, во услови кога производството на електрична енергија од јаглен и мазут во услови на енергетска криза е неизбежно. Граѓаните да бидат спокојни во однос на посветеноста на компанијата да ги одржува електраните и да вложува во обновливи извори, соопштија ЕСМ.