Михајловиќ: Лавров дополнително ја отежнува позицијата на Србија

од Vladimir Zorba
258 прегледи

Вицепремиерката на Србија, Зорана Михајловиќ денеска изјави дека изјавата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лаваров дека Србија, со тоа што не воведува санкции кон Русија, го поддржува нападот на таа земја врз Украина, не е пријателска и дополнително ја усложнува позицијата на Србија.

Таа во интервју за агенцијата „Бета“ рече дека обидот на рускиот функционер да покаже дека Србија го поддржува нападот врз Украина, иако гласаше за резолуцијата на ОН за осуда на инвазијата, ја става Србија во дополнителна непријатна позиција.

„Србија е под притисок и пријателот навистина треба да биде пријател и да не и ја отежнува позицијата“, рече Михајловиќ, кој е и министер за рударство и енергетика.

За време на минатонеделната посета на српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин на Русија, Лавров рече дека Москва и Белград се постојано посветени на принципите на неделивост и еднаква безбедност на сите држави, „и на Балканот и во ситуацијата испровоцирана од Западот во Украина“.

Михајловиќ, реагирајќи на вчерашното соопштение на Министерството за надворешни работи на Русија, рече дека „во изменетите геополитички околности секој би сакал Србија да биде на нивна страна, но дека Србија има своја страна“.

Независната позиција на Србија, според неа, се рефлектира во носење одлуки кои не се независни во однос на едната, туку на сите.

„Србија е единствената земја, не сметајќи ја Белорусија, која не воведе санкции кон Русија, а од друга страна гласаше за резолуцијата на ОН со која се осудува нападот на територијалниот интегритет на Украина, што значи дека не е за санкции, но не е и за војна“, рече таа.

Таа додаде дека соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија покажува што мисли за неа, а нејзината изјава зборува за тоа што таа мисли за односот на Русија со Србија.

„Русија ги штити нејзините интереси, јас ги штитам интересите на Србија. Тие мислат дека Србија може да биде полигон за разни конфронтации, а јас мислам дека не може“, изјави Михајловиќ.

Слични содржини