Костадиновска-Стојчевска: Со стипендиите ќе се пополнат дефицитарни области од заштитата на културното наследство

од Берта Китинска
255 прегледи

Министерството за култура по извршените анализи утврди дека во заштитата на културното наследство долги години има празнина во обновувањето на кадарот во повеќе витални сегменти на овој значаен ресор во културата.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека со стипендиите што ги овозможува Министерството за образование и наука за академската 2022 – 2023 година се дава можност за едуцирање на стручен кадар во областите: историја на уметноста, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.

„Музеите, галериите, центрите за заштита и конзервација кои ги систематизираат, ги чуваат и ги конзервираат културните добра, кои изготвуваат научни трудови и го афирмираат македонското културно наследство во светот, по долги години, преку овие стипендирани студенти, ќе продолжат да работат според потребните стандарди. Со ваквиот начин на поддршка на младите се дава можност за кадровско екипирање на установите од областа на заштитата и на музеологијата со образован и квалитетен стручен кадар кој ќе работи во овие области со примена на највисоките меѓународни стандарди“, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Со воведувањето на овие стипендии, покрај тоа што ќе се обезбеди иднина во заштитата на културното наследство, се обезбедува и повисок студентски стандард и грижа за младите идни стручни кадри во областа на културата.

Слични содржини