Заев доби плакета од Азески за неговиот придонес кон „Отворен Балкан“

од Nikola Popovski
239 прегледи

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, денеска на првиот меѓународен саем „Винска верзија на Отворен Балкан“ во Белград, на поранешниот премиер Зоран Заев, му врачи плакета за неговиот придонес кон иницијативата „Отворен Балкан“ по повод 100 години од работата на Комората.

Во своето образложение, Управниот одбор на Стопанската комора изрази уверување дека иницијативата „Отворен Балкан“ ќе обезбеди подобра перспектива за Србија, Албанија и Северна Македонија, подобра економска соработка и зајакнување на економиите на трите земји, како и како подобро разбирање меѓу народите.

Заев рече дека ја поддржува иницијативата, бидејќи во неа препознава добронамерност и поттикнување на соработката на Балканот со крајна цел земјите да соработуваат и да им донесат добро на своите граѓани и со тоа да го сменат целокупниот имиџ на Балканот за генерациите што доаѓаат.

„Балканот, кој почива на соработката под водство на Србија, Албанија и Македонија, сè повеќе ќе биде регион кој ќе зазема важно место во Европа и светот и со тоа ќе им служи на граѓаните и економијата“, рече Заев, наведува Танјуг.

Тој изрази надеж дека и другите земји од Западен Балкан наскоро ќе се приклучат на иницијативата Отворен Балкан и истакна дека сега како бизнисмен ќе продолжи да ја поддржува оваа регионална соработка и сите нејзини активности.

Стопанската комора на Северна Македонија истата награда им ја додели на претседателот Александар Вучиќ и премиерите Рама и Ковачевски на самитот на ОБ во Охрид во јуни годинава.

На настанот присуствуваа премиерите на Србија, Македонија и Албанија, Ана Брнабиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама.

Слични содржини