По концептот на иницијативата „За наше Куманово“ од локалните избори во октомври лани, Максим Димитриевски најави трка на изборите и на централно ниво – на следните парламентарни избори, кога и да се случат тие.
„Македонија има потенцијал и потенцијални кадри кои можат да бидат составен дел на новото граѓанско движење кое ќе излезе на политичка сцена на следните парламентарни избори“, рече Димитриевски вечерва во Дневникот на Сител ТВ.
На прашањето кога би била основачката конвенција на ова движење или политичка партија, тој рече дека сè уште не е дефинирано бидејќи сè уште се разговара.
„Доаѓаат голем број иницијативи од голем број граѓани од цела држава. Целиот концепт ќе биде по концептот на граѓанската иницијатива на последните локални избори ‘За наше Куманово’ која даде резултат и, всушност, и ги реализира политиките што ги понудивме на кумановчани. Тоа дефинитивно ќе биде граѓанско здружение и ќе биде од граѓаните за граѓаните со реално остварливи политики и луѓе кои сакаат да дојдат и да работат“,рече актуелниот градоначалник на Куманово.
Тој засега не сакаше да открива имиња, не поради, како што рече, страв од притисоци врз него, туку поради останатите луѓе кои ќе бидат дел од овој субјект. За шпекулациите дека поранешниот претседател и премиер, како и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, ќе биде дел од оваа иницијатива, Димитриевски рече дека до овој момент со него не разговарале на оваа тема, но порача дека се отворени за секого.
„Иако излезе во јавноста дека господинот Црвенковски е директно вклучен во оваа иницијатива, јас до овој момент со господинот Црвенковски, кого исклучително го почитувам и како човек и како поранешен претседател на државата, на оваа тема немам разговарано. Иницијативата е отворена за сите кои се добронамерни. Но, морам да напоменам дека првично позициите и одговорностите во оваа нова политичка гарнитура ќе ја носат луѓе од сегментот на образованието, бизнис-фелата, земјоделци, интелектуалци, работници и луѓе со опит кои досега немаат вршено каква било јавна или политичка функција, а особено не луѓе зад кои се влечат поранешни хипотеки“,рече градоначалникот на Куманово.