Анчелоти: Се надевам дека Бензема не е сериозно повреден

од Vladimir Zorba
200 прегледи

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти изјави дека се надева оти најдобриот играч на мадридскиот клуб, Карим Бензема не заработил сериозна повреда на натпреварот од првото коло во Лигата на шампионите против Селтик, пренесуваат шпанските медиуми.

Реал синоќа во Глазгов го победи Селтик со 3:0 во првото коло од групата Ф од најквалитетното европско клупско натпреварување. Бензема поради повреда мораше да ја напушти играта во 30. минута.

„Не изгледа дека Бензема е сериозно повреден. Тој ќе направи тестови по враќањето во Мадрид, а потоа се ќе биде појасно“, изјави Анчелоти.

На местото на Бензема влезе белгискиот напаѓач Еден Азар, кој на синоќешниот натпревар постигна еден гол.

„Азар одигра совршен натпревар. Ова беше вистинскиот натпревар за играч како Еден. Го внесов бидејќи стоперите на Селтик не притискаа. Можевме да се справиме подобро во првото полувреме, но второто беше совршено. ја искористивме енергијата на помладите играчи и беше забележливо дека навивачите ја ценат нашата игра“, објасни тренерот на Реал.

Во вториот натпревар од првото коло од групата Ф, Шахтјор го совлада Лајпциг со 4:1. Во следното коло Реал на домашен терен ќе игра со Лајпциг, додека Шахтјор ќе му гостува на Селтик.

Слични содржини