Северна Македонија останува кредибилен партнер на Европската Унија во справување со актуелните геополитички и безбедносни предизвици, за што зборува и фактот за нашето 100 процентно уогласување со заедничката европска безбедносна и одбранбена политика на Унијата. Како сојузници во НАТО, со претседателот Матарела, разменивме мислења и информации за војната во Украина и го реафирмиравме повикот за итно запирање на руската агресија врз една суверена држава, изјави денеска претседателот на РСМ, Стево Пендаровски на прес-конференцијата со италијанскиот претседател.
-Зборувавме и за актуелната политичка ситуација и отворените прашања на Западниот Балкан. Во овој контекст, побарав поддршка од претседателот Матарела во справување со последиците од енергетската криза, односно, да ни биде овозможен пристап до механизмите и инструментите на Унијата за ублажување на негативниот ефект од енергетската криза врз нашите држави, истакна Пендаровски.
Според него, ова било значајна средба како што и приличи на две пријателски држави.
-Ова нека биде и повод за заедничко прославување догодина на 30. годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји што ќе биде уште една можност за зајакнување на македонско-италијанското пријателство, истакна претседателот.