„Ни престои тешка зима“, слушаме секојдневно од претставници на Владата кои постојано упатуваат апели за штедење на електрична енергија.
Сепак, покрај вообичаените апели, какви мерки досега се преземени за “најтешката зима во последниве децении”, која,во поголем дел, е предизвикана од војната во Украина и кратењето на испораката на енергенсите од страна на Русија за европскиот континент?
„Отворен Балкан“, договори со Грција и Бугарија
Во Белград на самитот на „Отворен Балкан“ на заеднички настап на трите земји за справување со енергетската криза, премиерот Димитар Ковачевски на прес –конференција заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Албанија, Еди Рама и на Црна Гора Дритон Абазовиќ изјавија дека нѐ чека тешка зима.
„Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за економија и другите ресорни министерства, работи и на ставање во функција на сите енергетски потенцијали во нашата држава, во заложбите за справување со енергетските состојби. Ги активираме хидропотенцијалите, мотивираме употреба на обновливите извори на енергија, како што е поставувањето фотонапонски панели – за што пред два дена ги олеснивме процедурите, по укажувањата од компаниите и граѓаните, а предвидена ни е и финансиска поддршка на потрошувачите на енергија од ранливите категории граѓани.
Тој потенцира дека е предлажено да се оствари соработка меѓу српската берза на електрична енергија и македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија (МЕМО), со цел како што кажа да се подобрат условите за меѓугранична трговија со електрична енергија.
Откако завршија состаноците на „Отворен Балкан“ Ковачевски замина во Бугарија.
Во рамки на работната посета во Софија, тој оствари средба со премиерот на Бугарија, Галаб Донев. По средбата на тема справување со предизвиците на светската енергетска криза одржаа заедничка прес-конференција.
„Како одговорни политичари и влади ние имаме обврска пред граѓаните и пред стопанството да обезбедиме се што е во наша можност да ги направиме условите најдобри, во време на ваква криза. Токму затоа сме денеска тука заедно со соседна Бугарија да се обидеме најдеме решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од оваа година и првиот квартал од идната година, под услови што ќе бидат оптимални за стопанството“, рече премиерот Ковачевски на заедничката прес – конференција во Софија со колегата Донев.
Ковачевски нагласи дека на средбата нашата делегација ги кажала деталите за она што го имаме како потреба која што доаѓа и од Стопанската Комора на Северна Македонија заради што и претседателот на Комората бил дел од делегацијата.
„Прво се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од министерствата за економија на нашата држава, Министерството за енергетика на Бугарија, како и ЕСМ и другите компани во рамки на Бугарија каде што ќе се разговра за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија. Во однос на цените што ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Бугарија согласно со директивитре и легислативата на ЕУ и согласно со легислативата на Северна Македонија. Исто така разговарвме и за количините што се потребни кај нас со оглед на тоа дека Бугарија е земја која е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитетите коишто ги има особено електрична енергија произведена од нуклеарна централа“, рече Ковачевски.
Станало збор и за поврзувањето со новиот интерконектор за гас што би бил направен во делот на поврзувањео со течен гас и во однос на капацитетите на постојниот интерконектор што го имаме со Бугарија, и за можностите за складирње течен гас во складиштата што постојат во Бугарија.
„Имавме состанок што беше одржан во духот на добра волја. Во таков дух на добра волја се надевам дека работната група што ќе почне да работи веднаш после празникот во Бугарија а пред нашиот празник, дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе биде од обостран интерес, и на стопанствата и на едната и на другата држава“, рече Ковачевски.
Ковачевски со шефот на грчката влада Киријакос Мицотакис вчера се договори од Грција ќе набавуваме јаглен и мазут.
На состанокот како што беше соопштеное е договорено Грција да обезбеди непречен извоз на мазут и јаглен како суровини за производство на електрична енергија во Македонија.
„Снабдувањето со јаглен ќе се одвива непречено во четвртиот квартал од 2022 и првиот квартал од 2023 во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Ќе има непречено снабдување со мазут преку Грција, за непречено да функционира ТЕЦ Неготино. Веќе се јавуваат недостатоци на енергенси во европа, па треба да обезбедиме непречено снабдување со овие суровини и да нема нивно ограничување при увозот“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека со Мицотакис се разговаралчо за големите проекти, како гасоводот до Неготино од Евзони, за кој веќе има понуди за закупување на капацитети и би требало изградбата да започне до крајот на годината. Се разговарало и за голема гасна централа до 200 мегавати во Скопје, за која има веќе анализи како стратешка инвестиција пред Влада.
Донесени мерки за заштеда на струја за безбедна зима
Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска на прес-конференција информираа за сет на препораки мерки и задолженија за заштеда на електрична и топлинска енергија кои што на денешната седница ги усвои Владата на предлог на Министерството за економија.
Беа презентирани и податоците за состојбата за производство на електрична енергија во државата.
Мерките се носат со цел да се намали потрошувачката на електрична енергија и кај државните и јавни институции, како и кај домаќинствата и компаниите со цел –„Заштеда на струја за безбедна зима“.
„Како што и претходно напоменав и веќе алармиравме, прогнозите се дека ќе ја преживееме една од најтешките зими на енергетски план, не само нашата земја, туку сите земји во регионот и во Европа. Со цел полесно да се справиме со периодот кој не очекува за да имаме непречено снабдување со електрична енергија и нејзино ефикасно искористување, и крајна цел пониски сметки за струја, Министерството за економија подготви план и препораки „Заштеда на струја за безбедна зима“, кажа министерот Бектеши.
Според министерот, препораките, укажувањата и задолженијата се поделени во повеќе категории пред сẻ во зависност од тоа дали се работи за домаќинства, компании или простории на јавни објекти во сопственост на државата (министерства, агенции, органи на државна управа, државни компании општините и град Скопје).
За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки до кои ќе треба да се придржуваат за штедење на електрична енергија, додека за институциите се предвидени конкретни задолженија.
„Целта која треба да се постигне е намалување на потрошувачката на енергија за 15 % споредено со истиот месец од претходната година. Доколку не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за органот кој ја раководи институцијата, предвидени со посебна Одлука на Влада“, кажа Бектеши.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски информираше дека државната компанија работи со максимален капацитет, согласно моменталните можности на електраните и на нашите ресурси.
„Потребите за електрична енергија на ЕВН Хоум за граѓаните и малите потрошувачи ги задоволуваме исклучиво од наше сопствено домашно производство, односно АД ЕСМ не набавува електрична енергија. Исклучиво набавуваме јаглен и мазут за производство на електрична енергија, со кои ќе ја зголемиме продукцијата во овој период, а што е уште поважно-во периодот на грејната сезона којашто претстои“, кажа Ковачевски.
Според директорот, АД ЕСМ во првите 7 месеци од 2022 година произведе 2194 GWh електрична енергија, што е за 15 проценти зголемување од истиот период лани, кога беа произведени 1914 GWh. Зголеменото производство оваа година се должи на зголемувањето на производството од термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј од 40%.Кај хидроелектраните пак годинава имаме значајна заштеда на водата, и намалување на производството во споредба со првите седум месеци лани за 25%.
„Целиот план за производство за 2022 година е направен со 20% зголемување во споредба со минатата година. За реализација на тој план пред се, се оди преку зголемување на ископот на сопствен јаглен, а потоа со набавка на јаглен заради зголемување на производството на електрична енергија во РЕК Битола и РЕК Осломеј“, потенцираше директорот Ковачевски.
Во продолжение препораките, мерките и задолженијата за „Заштеда на струја за безбедна зима“.
1. Препораки за домаќинствата:
– Користете го бојлерот за подготовка на топла вода само кога таа ви е потребна и тоа по можност во ниска тарифа на електрична енергија (ефтина струја), без притоа да се наруши квалитетот на живеење. Не го поставувајте термостатот на бојлерот за топла вода до максимум. Колку е температурата на водата повисока, толку е и топлинската загуба кон околината повисока.
– Избегнувајте позиционирање (вклучување) на ладилникот на (нај)ниски температури.
– Користете ги разумно грејните тела во вашиот дом.
– Во текот на денот користете го што е можно повеќе сонцето за осветлување како и за загревање на просторот во грејната сезона, додека во текот на ноќта во грејна сезона спуштајте ги ролетните и завесите.
– Во текот на денот во летна сезона спуштајте ги ролетните и завесите.
– Не ги блокирајте и не ги покривајте грејните тела со мебел или завеси. Ако грејното тело е покриено, тогаш тоа помалку емитира топлина и помалку ја затоплува просторијата.
– Користете ја машината за миење садови секогаш полна на ниска тарифа на електрична енергија..
– Машината за перење алишта користете ја секогаш кога е полна и во време на ниска тарифа на електрична енергија.
– Исклучувајте ги светилките во просториите во период кога подолго време не престојувате во нив.
– Исклучувајте го компјутерот по завршувањето на работата со него.
– Исклучувајте ги полначите за батерии од приклучниците (лап-топ, мобилни телефони).
– Гответе во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата.
– Заменете ги старите сијалици (со вжарено влакно) со компактни флуоресцентни сијалици или други соодветни со ознака за повисока класа на енергетска ефикасност.
– Редовно менувајте ги филтрите на уредите за греење и на клима уредите во вашиот дом.
– Користете енергетски ефикасни (CFL, LED) сијалици.
– Поставете туш со малo протекување на вода во вашите купатила.
– Изолирајте го таванот во вашиот дом и подобрете ја изолацијата на надворешните ѕидови.
– Изолирајте ги добро прозорците и надворешната врата во вашиот дом или заменете ги со нови кои имаат подобри карактеристики во однос на пренос на топлина (низок коефициент на топлопроводливост).
– Намалете го навлегувањето на надворешниот воздух во објектот (процепи, пукнатини итн).
– При купувањето на нов производ преферирајте тој да биде со највисока класа на енергетска ефикасност (A+++, A++, А+, А). Уредот со повисока класа на енергетска ефикасност троши многу помалку енергија, а со тоа и пари во однос на уред кој што е означен со пониска класа на енергетска ефикасност.
– Исклучете го декоративното осветлување на фасадите на приватните објекти.
– Не користете осветлување на внатрешните простории кога има доволно дневна светлина.
– Во сезона на ладење подесете ја температурата на климатизерите не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.
– Доколку е возможно инсталирајте на колекторски системи за загревање на вода.
– Користете скали наместо лифт доколку е соодветно за да се намали потрошувачката на енергија,
– Користете го клима уредот кога навистина е потребен и температурата прилагодете ја на разумно ниво.
– Кратко и интензивно проветрувајте ги просториите .
– Доколку имате финансиски средства на располагање, подобрете ја енергетската ефикасност преку промена на енергетски ефикасни прозори, подобрување на изолацијата, подобрување на енергетската ефикасност на системите за греење и ладење, инвестирајте во фотоволтаични системи.
– Полнење на батериите на електричните тротинети во ниска тарифа на електрична енергија (ефтина струја).
2. Препораки за бизнис заедницата:
– Да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите објекти.
– Да не се користи осветлување во внатрешните простории, халите и канцелариите во објектите во период кога има доволно дневна светлина.
– Греење и ладење: во производните објекти, хали и канцеларии во сезона на ладење температурата на климатизерите да се подесува не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.
– Да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата со него.
– Да се заменат старите сијалици со вжарено влакно со компактни флуоресцентни сијалици.
– Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, односно клима уредите во работните простории.
– При градба на нови градежни објекти или реконструкција на стари да се инсталира топлинска пумпа како високоефикасен систем за греење, ладење па дури и за подготовка на топла вода.
– Доколку компанијата има потреба од санитарна топла вода, да се инсталираат сончеви колектори за подготовка на санитарна топла вода.
– Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот.
– Да се инсталираат интелигентни системи за управување во електромоторните погони.
– Да се применуваат нови технологии во подобрување на енергетските перформанси на индустриските постројки.
– Да се инсталира систем за управување со енергија во деловниот објект, како и во самиот технолошки процес.
3. Задолженија за јавните институции (министерства, агенции, органи на државна управа) и државни претпријатија
3.1 Задолженија за раководните лица во јавните институции и државните претпријатија