За расколот и внатрешните кавги, судири и расправии за рацете во медот ВМРО-ДПМНЕ да не ја меша СДСМ, велат од владеачката партија откако поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андонов соопшти дека е формирана „Фракција за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ“, со цел смена на лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски.
Според СДСМ, „Белата палата е единствената адреса а Христијан Мицкоски е единствениот повикан за сите проблеми коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ“.
-Самите се фатија со рацете во медот и се скараа за тендер од 136 милиони евра. Самите даваат различни изјави од Мицкоски за промена на Уставот и против референдум. Самите велат дека Мицкоски бил потрошен и треба да си даде оставка, посочуваат од СДСМ и додаваат дека во ВМРО-ДПМНЕ има бројни внатрешни проблеми кои треба да си ги решава.
Андонов денеска на прес-конференција пред седиштето на партијата изјави дека Мицкоски е во потполност истрошен политички.
„Партијата која на почетокот на создавањето беше симбол за демократска партија, пак да се врати како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција. Жалам што ова го прават од партијата, незнам и која песна ќе ни ја пуштат, им благодарам што ја разубавуваат прес-конференцијата. Ова е повик до членството да се обединеме, ова не е нова политичка структура или паралелизам. Зошто сега, зашто се исполнети сите услови за тоа. Тоа го бара членството, не е ова моја лична желба“, рече Андонов кој додека говореше во позадина од прес-центарот, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се слушаше музика.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар.
-Му посакуваме среќа и немаме што друго да додадеме.Прашањето на национален консензус е следниот драматичен пораз на политиките на Заев и Ковачевски, по што новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста да ја врати Македонија на патот на пристојноста, чесноста и подобриот живот за сите, велат од опозицијата, соопштија од „Белата палата“.