„Добро е што Ковачевски се потрудил и ги изанализирал мерките кои Мицкоски ги предложи за стопанството. И тоа го поздравуваме и веруваме дека причината за таканаречена вонредна прес конференција не се штурите и делумно ископирани мерки кои ги видовме вечерва, туку целосната понуда и прецизен план кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го даде утринава. Но тоа не е доволно, зошто вечерва не видовме план, туку прес конференција која е реакција на претходна понуда“, велат од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашната вонредна прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски, посветена на мерките за справување со енергетската криза.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера соопшти дека жителите на Скопје кои се приклучени на централното градско греење ќе имаат топли радијатори од 15 октомври.
„Економско-енергетскиот совет на Владата штотуку заврши со својот состанок и донесовме одлуки кои сакам да ги споделам со јавноста а се однесуваат на сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период. Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија“, истакна Ковачевски.
Во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.
-Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини, рече премиерот.
На вонредната прес-конференција во Владата покрај Ковачевски, присутни се вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, кои учествуваа на вечерашната седница на Економско-социјалниот совет, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.