Припадници на српското Министерство за внатрешни работи во Врање, во соработка со инспектори од даночната полиција, по наредба на Основното јавно обвинителство во овој град, поднеле кривична пријава против педесет и шестгодишен државјанин на Северна Македонија, со живеалиште во Бујановац, за даночно затајување и даночна измама.
Тој е осомничен дека од 01.01.2019 година до 15.05.2019 година, како одговорно лице на една продавница во Бујановац, во деловните книги не го пријавил прометот со стока што ја набавил на нелегален пазар, а која ја огласил преку социјалните мрежи и продавал на физички лица на територијата на Србија преку курирски служби.
Исто така, постои сомнеж дека тој во овој период не поднел даночни пријави до надлежниот даночен орган за прометот на стоки.
На овој начин, како што се сомнева, го оштетил буџетот на Република Србија за повеќе од 36.500.000 динари (над 311 илјади евра).