Актерката Сачин Литлфедер, припадник на племето Апачи, која стана симбол на борбата за правата на Индијанците во филмската индустрија, почина на 75-годишна возраст.
Актерката која во име на Марлон Брандо го одби оскарот кој му беше доделен за улогата во филмот „Кум“ и ја прочита неговата порака до гостите на церемонијата, боледуваше од рак на дојка.
Пред само неколку недели, Академијата за филмски уметности и науки ѝ се извини на Литлфедер за злоставувањето што го претрпе откако ја прочита пораката на Брандо и организираше настан во нејзина чест каде што таа беше во центарот на вниманието.
„Предолго храброста која ја покажавте остана непризнаена. Затоа ви го нудиме нашето најдлабоко извинување и нашето искрено восхитување“, рече поранешниот претседател на академијата, Дејвид Рубин.
Публиката во салата ја поздрави Сачин со громогласен аплауз.
„Го прифаќам извинувањето, кое не се однесува само за мене, туку и на сите наши народи, кои мора да го слушнат и го заслужуваат ова извинување. Ве молам, кога ќе ме нема, секогаш чувајте го мојот глас и застанете во одбрана на својата вистина“, изјави Сачин тогаш.