Очигледно е дека за ВМРО-ДПМНЕ е бесмислено да се откаже од блокада и да даде поддршка за законите важни за граѓаните.Над 50 закони со месеци се закочени во Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е неодговорно во време на криза, велат од СДСМ во врска со изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кој вели дека бесмислено е власта да бара поддршка од неговата партија за закони кои што не постојат.
Оттаму велат дека огромен дел од овие законски измени се важни за последиците од кризата да бидат пребродени што поефикасно и со што помалку штета врз граѓаните, врз стопанството и врз енергетскиот сектор.
-ВМРО-ДПМНЕ има можност да се престрои на страна на интересите на граѓаните, конечно да покаже одговорност и да се вклучи во процесите наоѓање решенија за излез од кризата.Ниту државата, ниту стопанството, ниту граѓаните, немаат време за губење, ВМРО-ДПМНЕ да престане со блокадите на македонското Собрание, да се обезбеди ефикасност во носење на законите и поддршка на клучните закони за енергетската криза, посочуваат од владејачката партија.