Битолчанецот Тони Ѓорѓевски-Фердо е ослободен за убиството на својот поранешен зет. Судот прифати дека Ѓорѓевски го сторил делото во самоодбрана и нужна одбрана.
-Конечно судот после 8 месеци донесе правилна одлука. Мојот татко е конечно слободен, фала ви на поддршката на сите, објави Јове Ѓоргиевски, син на Тони Ѓоргиевски – Фердо.
Битолското обвинителство отвори истрага и побара притвор за 62-годишниот битолчанец, кој, со пиштол, го уби поранешниот зет за ќерка, кога тој вооружен со долг нож, насилно упадна во неговиот дом.
Според Обвинителството, осомничениот, на 21 феавруари, со умисла го лишил од живот неговиот зет за ќерка. Според првичните сознанија, сега починатиот, вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол „Бајкал” што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па оштетениот веднаш паднал и починал на лице место.
Додека битолчанецот беше во притвор, беа организирани и мирни протести пред Основниот суд во Битола, со барање за негово ослободување.