Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на неговиот фејсбук-профил наведе дека со посебна чест присуствувал на доделувањето на УНХЦР „Нансен” наградата за бегалци, врачена на годинешниот глобален лауреат, поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, како признание за лидерството, храброста и сочувството во осигурување на заштитата на илјадници луѓе.
-Вечерва, во Женева, ми беше посебна чест да присуствувам на доделувањето на УНХЦР „Нансен” наградата за бегалци, врачена на годинешниот глобален лауреат, поранешната Канцеларка нa Сојузна Република Германија, Ангела Меркел – признание на лидерството, храброста и сочувството во осигурување на заштитата на илјадници луѓе.
Под лидерството на Меркел, Сојузна Република Германија прифати повеќе од 1.2 милиони бегалци и баратели на азил во 2015 и 2016 година во екот на конфликтот во Сирија. Тоа беше тест на европските вредности, но и морален императив, како што тогаш изјави и самата Меркел, при повикот до германскиот народ со отворен и слободен ум да ја отфрлат поделбата по национална линија.
Токму затоа, заедно со мојот тим во 2015 година сериозно се ангажиравме по ова прашање, и како еден од главните приоритети во моето раководење со МВР, во таа насока, би сакал да ја истакнам и исклучителната важност на улогата на МВР, преку проактивната позиција во континуитет за унапредување и развој на граничната полициска служба, а се со цел ефикасно управување со границите, со миграциите и спречувањето на илегалната миграција вдолж „Западнобалканската рута“. Граничното управување во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност, а МВР е еден од главните столбови на националниот систем за Интегрирано гранично управување составен од повеќе државни институции, кој се развива согласно Европскиот концепт.
Во оваа прилика, упатувам најсрдечни честитки до д-р Ангела Меркел, голем пријател и поддржувач на македонскиот народ, со желби за континуиран успех, како на професионален, така и на личен план, напиша Спасовски.