ЕП изгласа: Србија да воведе санкции против Русија ако сака да ги продолжи преговорите со ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska
198 прегледи

Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент со мнозинство гласови усвои извештај во кој се бара пристапните преговори со Србија да бидат условени со усогласување на официјален Белград со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, т.е. со воведување санкции против Русија.

Во извештајот се наведува дека е неопходно да се даде приоритет на усогласувањето на земјите кандидати со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Преговорите за пристап со Србија треба да се унапредат само доколку земјата ги почитува санкциите на ЕУ против Русија и постигне значителен напредок во реформите неопходни за ЕУ“, се наведува во извештајот што беше усвоен денеска.

Европратениците ја повикаа Србија систематски да се придржува кон рестриктивните мерки и политика на ЕУ кон Русија и да покаже напредок во демократијата, владеењето на правото и да ги прифати вредностите и приоритетите на ЕУ.

Тие, исто така, повикаа да се преиспитаат сите фондови на ЕУ за Србија, особено сите проекти финансирани според економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, со цел да се осигура дека сите трошоци на ЕУ се целосно во согласност со стратешките цели и интереси.

Споменатиот извештај треба да оди на пленарна седница на Европскиот парламент во ноември, а доколку биде изгласан ќе стане официјална резолуција. Резолуциите на Европскиот парламент се советодавни за другите институции на ЕУ, како што се Европската комисија и Европскиот совет.