СДСМ: Договорот со Фронтекс на македонски јазик без фусноти – потонаа лагите на Мицкоски

од Nikola Popovski
139 прегледи

Република Северна Македонија наскоро ќе го потпише својот прв официјален договор со Европската унија и тоа на македонски јазик, без какви било фусноти и дополнителни објаснувања. Станува збор за Договорот за гранично управување, попознат како Фронтекс, а Советот на ЕУ веќе ја донесе одлуката за потпишување, соопштија утрово од СДСМ.

Според владеачката партија, со тоа „потонаа лагите на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ за наводно загрозување на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, за некаква асимилација и бугаризација“.

-Со одлуката на Советот на ЕУ македонскиот јазик, признаен и заштитен на голема врата влегува во Европската унија, за да стане еден од официјалните јазици на големото европско семејство, потенцираат од СДСМ.

Вчерашната одлука на Советот треба да ја одобри Европскиот парламент, а потоа и македонското Собрание. Официјалното потпишување на договорот меѓу Северна Македонија и Фронтекс се очекува до крајот на месецот.

Оваа соработка е поврзана со миграциската помош и борбата против илегалната миграција, а улогата на Фронтекс е да ги зајакне граничните контроли и безбедноста.

Северна Македонија е првата земја што потпиша нов модел на договор со Фронтекс.

Од регионот Србија, Албанија и Црна Гора имаат договори со Фронтекс, а Северна Македонија беше соочена со бугарското вето речиси три и пол години поради македонскиот јазик.

Бугарија не го признава македонскиот јазик како посебен и го блокираше овој договор меѓу Унијата и Северна Македонија од јуни 2019 година.

Слични содржини