Во дел од училиштата во Скопје, кои денеска добија дојави за поставени бомби проверката е завршена и е утврдено дека станува збор за лажни дојави, а во дел од нив проверките се уште траат, информираат од МВР.
Заканувачот првин испратил електронска пошта во пет средни училишта во Скопје. Подоцна таа е-пошта ја испратил уште во три училишта.
Ученик од скопското средно училиште Корчагин за „Локално“ изјави дека класниот раководител на почетокот на последниот час им рекол веднаш да ја напуштат училницата и да одат дома.
„Учениците од втора смена се пред училиштето и чекаат да бидат известени дали ќе имаат настава. Полицијата е во училиштето врши проверка“, додаде тој за „Локално“.
Пет училишта денеска околу 12 часот пријавиле до СВР – Скопје дека на меил адреси добиле закани за поставени бомби. Станува збор за гимназиите „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Полицијата испрати тимови, а учениците и вработените беа евакуирани од објектите, каде се вршат проверки.