Вчера приведениот, па ослободен за лажните дојави за бомби, Никола Николовски денеска се огласи на социјалните мрежи по повод неговото апсење. Тој изнесе детали за вчерашниот ден.
-Во текот на вчерашниот ден, среде бел ден и во време на вршење на моите работни обврски бев лишен од слобода, по што до доцните часови бев држен во полициска станица, без можност за контакт со моите пријатели, роднини и најтесното семејство. Јавен распит, претрес на мојот дом од страна на 10 полицајци, меѓу кои имаше и вооружени, мое спроведување од полициска станица до дома во придружба на вооружени службеници како најголем криминалец, товарење за дело кое не сум го направил и е АПСОЛУТНА НЕВИСТИНА, објави Николовски.
Тој наведува дека бил изложен на јавен линч, закани и ликувања за негова осуда.
-Ова е цената на јавното искажување став во Македонија. Ниту имам мотив, ниту потреба да вознемирувам цели фамилии со „дојавите за бомба во средните училишта“. Очигледно некому му пречи мојата работа со профилот „Боемот“, моите сфаќања, ставови, бескомпромисност во борбата за подобро утре, независноста од политиката и слободната мисла, напиша Николовски на неговата Фејсбук страница „Боемот 2.0“.
Тој им заблагодари на сите кои му дале поддршка и не се посомневале во неговата невиност.
-Јас ќе продолжам да го истакнувам својот став на сите општествени теми, бидејќи најважна ми е поддршката од младите кои бараат промени во општеството. А оние кои напишаа секакви невистини околу вчерашната случка ќе одговараат јавно пред лицето на правдата и ќе бидат преземени сите расположливи дејствија и мерки!, објави меѓу другото Николовски.
МВР вчера попладне соопшти дека е уапсен осомничен во врска со заканите за бомби, со иницијали Н.Н.
Откако вчера попладне беше приведен јавен обвинител доставил барање до судот за претрес во неговиот дом и при што се одземени електронски уреди.
-Во текот на измината вечер по напатствија на јавниот обвинител се извршени сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето. Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода, сооппти ЈОРМ.