Мејлови со нови дојави за бомби пристигнале на адресите на скопските средни училишта „Јосип Броз-Тито и „Владо Тасевски“.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки.
-Денеска во СВР Скопје околу 09.30 часот е пријавено дека на електронските адреси на две училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
Ова е веќе шести пат како пристигнуваат дојави за бомби во средни училишта во главниот град. Сите досега се покажаа како лажни. Денес е првпат како заканите за бомби се појавуваат додека учениците се во прва смена на настава.