Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу утринава ги обвини курдските екстремисти за експлозијата во која загинаа шест лица на главната шопинг улица во Истанбул и објави дека полицијата привела 22 лица осомничени за учество во нападот, вклучувајќи го и лицето кое ја поставило бомбата, но не прецизираше од кој пол е.
Сојлу рече дека наредбата за нападот на авенијата Истиклал во Истанбул е дадена во Кобани, град во северна Сирија каде турските сили спроведуваат операции против сириската курдска милиција ИПГ во последните години, пренесува „Ројтерс“.
Околу 50 лица беа отпуштени од болница по вчерашниот напад, но постои загриженост дека Турција би можела да биде цел на други бомбашки напади, како во 2015 и 2017 година кога беа извршени низа слични терористички акции.
Бројот на повредени во експлозијата во Истанбул се искачи на 81
Бројот на повредени во експлозијата во центарот на Истанбул се искачи на 81, соопшти турскиот потпретседател Фуат Октај.
Како што наведе, две лица се во критична состојба, пренесува РИА Новости.