Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до Господин Господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и до сите верници од православната вероисповед.
„Имам особено задоволство и чест да ви го честитам големиот празник – Свети Климент Oхридски и да ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, радост и среќа, исполнети со љубов и хармонија.
Празнувањето на денот посветен на големиот просветител и патрон на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, за нас има многу повеќе од духовно и религиозно значење. Неговата писателска и воопшто научно-образовна дејност е темелот на кој го базираме нашето духовно, културно и општествено постоење. Делото на Свети Климент Охридски ги надминува сите етнички и географски рамки заземајќи неизбришливо место во меморијата на човечката цивилизација и со гордост го споделуваме со нашите соседи и со целиот eвропски континент.
Поучени од хуманизмот, трудољубивоста, посветеноста и чесноста на Свети Климент Охридски, да придонесуваме кон изградба на подобар и поубав свет.
Нека ни е честит празникот и за многу години“, вели претседателот Пендаровски.