Основниот суд Струмица на 28 ноември 2022 година донесе пресуда врз основа на признание за А. М. од Струмица, прогласувајќи го обвинетиот за виновен за дело од омраза за насилството што го стори врз оштетениот порано годинава во Струмица.
Имено, судот во својата пресуда го најде за виновен обвинетиот „затоа што на 8 август 2022 г. околу 19 часот во Струмица, на плоштадот „Гоце Делчев“, при одржување на настан организиран од Здружението „ЛГБТИ Јунајтед“ Тетово, од омраза што се однесува на сексуалната ориентација, телесно го повредил оштетениот Беким Асани од Тетово (н.з. претседател на здружението), на начин што му пришол додека оштетениот седел на клупа и со боксови и клоци го ударал по главата и телото нанесувајќи му телесни повреди – набиеници во пределот на вратот, граден кош, лева надлактица и стомакот“.
Со таквите дејствија сторил кривично дело „телесна повреда“ од чл. 130 ст. 3 в.в. со ст. 2 и 1 од Кривичниот законик. Согласно цитираната одредба и Закон и чл. 404 од Законот за кривична постапка, обвинетиот се осудува на казна затвор во траење од 6 (шест) месеци.
Според Асани, оваа пресуда е можеби мал, но битен чекор за правдата и се надева на брзи разрешници и за другите физички напади на кои беше мета изминатиот период. Тој смета дека со овие позитивните поместувања во кривично-правниот систем конечно ќе се стави крај на практиката на неказнивост на сторителите на ЛГБТИ-фобичен криминал од омраза.