ССК: Не е време за нови даноци, да ги поддржиме клучните сектори

од Vladimir Zorba
200 прегледи

Посегнување по нови даноци не е решение, бидејќи ќе биде уште поголем притисок за стопанството во услови кога тоа е изложено на негативите последици предизвикани од енергетската криза и другите негативни економски случувања, истакна Михајло Евросимовски, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија на регионалната конференција „Гледајќи кон утре” организирана од „Пословни дневник” во Загреб. Ова е втора конференција која ја организира влијателниот хрватски медиум со цел да поттикне унапредување на соработката меѓу стопанските комори и претставниците на бизнис заедницата од земјите во регионот како и да се поттикнат заедничките можности за соработка во однос на освојувањето на европскиот пазар и привлекувањето на странски инвестиции.

„Сметаме дека сè уште не е време за нови даноци, бидејќи на овој начин создаваме дополнителен притисок врз економијата, а на врата ги имаме енергетската криза, инфлацијата и рецесијата. Во моментов е подобро да се одложи зголемувањето на даноците за да може економијата да остане на ова ниво, а со тоа да се обезбеди основа за развојната политика во следните 5 до 10 години”, рече Евросимовски.

Тој истакна и дека за полесно надминување на состојбите потребно е да се утврдат секторите кои може да го зголемат извозот и со тоа да повлечат кон економски раст и тие сектори да се поддржат.

„Македонија е на 29 место според извозот на вино во светот што е одлично достигнување. Покрај производството на вино важен сектор е и автоиндустријата, како и туризмот, каде треба да се инвестира”, истакна Евросимовски.

Во дебата во која се даде осврт кон актуелните економски случувања во земјите од регионот учествуваа и помошник директор на Секторот за стратешки анализи, аналитика, услуги, услуги и пакети производи на Стопанската комора на Србија Бојан Станиќ и директор на Секторот за истражување и анализа на Стопанската комора на Црна Гора Миљан Шестовиќ. Соговорниците се осврнаа и кон иницијативата „Отворен Балкан”, која како што истакна Евросимовски треба да ја зголеми соработката меѓу земјите од регионот особено со Хрватска која може да бидат патот за нашите производи до пазарот на Европска Унија.

На настанот од нашата земја присуствуваше и Златко Панков, директор и сопственик на компанијата „Панекс”, кој беше дел од панелот на интервјуа со стопанственици, кои ги споделија своите искуства во водење бизнис и справување со актуелните предизвици.

Слични содржини