Скопјани немаат соодветен јавен превоз зашто некој го блокира градот. Ако некој смета дека за претпоставени доверителски односи треба да излезе и да го блокира цел град, нормално е дека ќе имаат застој во сообраќајот, изјави во интервју за 360 степени, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
На прашањето должи ли и колку должи ЈСП на „Слобода превоз“ и „Макекспрес, Арсовска вели дека на телевизија видела луѓе што изјавувале дека по неколку месеци не им е исплаќано.
-Граѓаните треба да знаат дека Град Скопје има договор само со едно правно лице и нему континуирано му се исплаќа, а еве ги секојдневните исплати. Е сега како, колку и дали тоа правно лице исплаќало, ние не знаеме. До 8 ноември, додека не почнаа овие протести и блокади, ЈСП редовно си исплаќаше до „Слобода превоз“. Ние знаеме колку средства се исплатени и инстуциите си имаат начин да постапат и да се види која е вистината. Оној што ја направи целата збрка реши да се повлече, да се изолира и тоа доволно кажува. Ниту еден од овие луѓе кои велат дека сакаат чесно да си го заработат лебот нема да дозволиме да остане на улица. Но, некој да манипулира, да тера политика преку нив и да се обидува да го парализира градот, тоа нема да го дозволиме, особено не со закани и со уцени, посочи градоначалничката.