Соединетите Американски Држави (САД) категорично се противат на можноста за враќање на српските сили на територијата на Косово.
Ова го изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, во интервју за „РСЕ“, спроведено во Приштина, на вториот ден од неговата посета на Косово.
Запрашан за коментар во врска со изјавата на Александар Вучиќ, претседателот на Србија, кој најави дека на 15 декември Белград ќе побара од КФОР да ги врати силите на Косово, Ескобар одговори: „Ние категорично се спротивставуваме, категорично го отфрламе, воопшто не го поддржуваме. Исто така, сакам да кажам дека Косово има многу солидни безбедносни гаранции од САД“.
На прашањето каква ќе биде реакцијата на САД доколку се случи такво нешто, Ескобар подвлече: „Прво, не очекувам такво нешто. Но, второ, Косово има цврсти гаранции од САД, манифестирани преку учество во КФОР“.
Ескобар пристигна во Косово во време на растечки тензии поради повторените блокади организирани од членовите на таа заедница на патните правци на северот од земјата, која е претежно населена со Срби. Блокадата ја ужива и поддршката на „Српска листа“, водечката партија на косовските Срби.
Во овој разговор, Ескобар дава и своја оценка за несогласувањата на САД, како со Приштина, така и со Белград, но уште на почетокот подвлекува дека ставот на Вашингтон за косовското прашање не е променет.
„Сметаме дека Косово и Западен Балкан се дел од трансатлантската заедница, само не сте дел од формалната структура. Но, во секој случај, ве сметаме за важни партнери и продуктивни членови на заедницата. Секогаш кога доаѓам овде, јас имам средби со бизнис лидери, граѓански сектор, влијателни луѓе, и овој пат исто така. И тие навистина го зајакнаа моето мислење и мислењето на нашата влада дека Западен Балкан за Европа и САД претставува повеќе можност отколку ризик. И ние треба да ја претвориме таа аспирација во реалност“, вели Ескобар.