Претседателот Стево Пендаровски, оцени дека не може да се исклучи можноста за зголемување на тензиите на Западен Балкан, како последица на руската агресија врз Украина.
Во своето годишно обраќање пред Собранието, тој посочи дека руската агресија врз Украина ги нарушу светските пазари на храна и енергија, но пред се безбедносната инфраструктура во Европа, создадена по падот на комунизмот.
Според неговите зборови, иако Западен Балкан очигледно е доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион.
„Веќе имаме украински бегалци, имаме руски државјани и компании формирани од нив, регистрираме зголемен интензитет на сајбер напади, а добро познатите стари кревки точки во регионот имаат свој потенцијал – северот на Косово и ентитетот Република Српска во БиХ, каде клучната стабилизирачка улога ја има меѓународната мисија“, рече Пендаровски.
Тој посочи дека војната во Украина ги разбуди институциите во Брисел, поттикна дебати за иднината на Европа и ги потврди процесите кои практично беа замрзнати во последните години, дека идејата за политичка Европа почна да ја добива својата прва форма и дека, според реториката на Брисел, Западен Балкан е нејзин дел.
„Од оваа говорница сакам да упатам апел, покана до Европската унија дека очекуваме новиот фокус на регионот нема да биде само епизода предизвикана од војната во Украина, која ќе трае додека Украина е во фокусот“, рече претседателот.
За да се задржи кредибилитетот на европскиот интегративен процес, како што посочи, не смее да се дозволи да се задржи Западен Балкан во фокус само кога има војни или мигрантски кризи.
„Поддршката за Унијата кај граѓаните драстично опаѓа. Се наоѓаме во критична точка и ова е последна шанса да ја зачуваме мнозинската поддршка“, кажа Пендаровски.