Денес претставници на МВР со превентивни мерки излегоа на терен и спроведоа акциски контроли на повеќе места низ градот Скопје, по пазарите, трговските центри и гаражите на објектите каде што се движи населението.
Заканите за поставени бомби во училишта, институции, објекти, трговски центри, станаа речиси секојдневие во последните три месеци. На 26-ти октомври беше пријавена првата ваква дојава за експлозивна направа.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера изјави дека очекува да се свика и Советот за координација на којшто ќе се разговара за националната безбедност.
„Мора да се вклучат и Агенцијата за национална безбедност и другите институции кои се значајни во овој дел. Бидејќи ако дојавите се најава за тероризам, тогаш сите треба да се вклучиме во ова за да дојдеме до стабилизирање на состојбата“, изјави Спасовски и додаде дека содржината на имејл пораките за дојавите за бомби се исти со оние кои ги добиваат и земјите во регионот.
Досега сите дојави се покажаа како лажни.