Ковачев за „Локално“: Мицкоски нема план за подобрување на односите меѓу Македонија и Бугарија

од Nikola Popovski
513 прегледи

Бугарија и огромното мнозинство наши граѓани отсекогаш ги сметале и ги сметаат нашите браќа и сестри во Македонија за исклучително блиски, како дел од нашата заедничка историја, заедничка сегашност и заедничка иднина во Европската Унија, вели во разговор за „Локално“ бугарскиот европратеник и член на партијата ГЕРБ, Андреј Ковачев.

Сепак според него, и во сега независните и во суверените држави, се поминува низ надминување на наследството од тоталитарното минато.

-Сè уште ги гледаме негативните последици од негативниот став и омразата наметнати од времето на Титовиот комунизам во Југославија и комунизмот на Димитров/Живковски во Бугарија, основани на манипулации со историјата меѓу луѓето од двете страни на границата, смета тој.

Ковачев е дециден дека Бугарија повеќе од 30 години подава рака за соработка и братска љубов со Македонија.

-Нашата цел треба да биде Македонија и Бугарија да бидат заедно во НАТО и ЕУ, како најблиски земји, раскинувајќи ги злонамерните зависности на УДБА/КОС, ДС, КГБ и нивните сегашни деривати во Белград и Москва, истакнува соговорникот.

Европратеникот е убеден дека официјална Москва во моментов продолжува со својата политика на „раздели па владеј“.

-Сакаат да бидеме лути и да се мразиме. Руските амбасади во Софија и Скопје со сол поливаат на најчувствителните теми за да предизвикаат омраза и неединство на најнепростлив начин. Во Скопје, на пример, ги фалат „партизаните“ и борбата против „фашизмот“, како и „македонското писмо“, во Бугарија уверуваат дека знаат дека писменоста е од Бугарија и најљубезно се однесуваат со неговото височество кралот, оценува Ковачев.

Тој прокоментира и за нашиот евроинтегративен пат кон ЕУ.

-Од храброста и политичката волја на македонските политичари зависи дали Северна Македонија брзо ќе тргне на патот кон полноправно членство во ЕУ. Опозицискиот лидер Мицкоски, за жал, само размислува теснопартиски и заработува неколку проценти поддршка повеќе со поткопување на добрососедските односи. Воопшто е тажно што зборува за постоење на некаков негов „план“ за добрососедски односи. Со неговиот став тешко дека ќе има подобрување. Ова треба да биде кристално јасно. Мицкоски нема план за подобрување на односите, вели Ковачев.

Додава дека „планот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е само да победи на предвремените избори и да стане премиер, по цена на се, вклучително и по цена на блокирање на патот на Северна Македонија кон ЕУ“.

-Токму тоа е целта на агентите на Москва и Кремљ. Тоа се личности од нашата заедничка историја – Ванчо Михајлов, Гоце Делчев, Дамјан Груев, Тодор Александров, па дури и претставниците на Династијата. Ова е дел од нашата заедничка бугарска историја. Мицкоски е против ова, бара суспензија на Договорот за добрососедство каде главен елемент е нашата заедничка историја, рече Ковачев.

Европратеникот за крај упатува и новогодишна честитка за граѓаните на нашата држава.

-На нашите пријатели и браќа од Македонија им посакувам здрава, мирна и успешна 2023 година. Помалку омраза и комунистички манипулации, повеќе примери за добрососедство во сите сфери на политичкиот, економскиот, инфраструктурниот, образовниот, културниот, медиумскиот и општествениот живот, порача политичарот од редовите на бугарската партија ГЕРБ.

Н.П.

Слични содржини