АЛБАНСКИТЕ ЛИДЕРИ НА ИСТА МАСА СО РАМА: „Средбата се смета за спасување и забрзување на членството на Македонија во ЕУ“

од Nikola Popovski
586 прегледи

За денес е најавена неформалната средба во Тирана меѓу лидерите на албанските партии од Македонија без БЕСА и премиерот на Албанија, Еди Рама. Иако има повеќе шпекулации за што ќе се разговара, од најголемите албанските партии во земјава велат дека станува збор за новогодишен состанок со цел размена на мислења по однос на актуелните прашања од регионот. „Нема потреба од конспирации, но на средбата нема предвидена, прецизна агенда. Рама веќе докажа дека е пријател на Северна Македонија“, нагласи министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

И покрај ваквите официјални изјави од функционерите, останува прашањето, но и мистеријата која/кои ќе бидат клучните теми на разговор на заедничката маса меѓу Ахмети, Таравари, Гаши, Тачи и Рама. Во јавноста се шпекулира за некаква нова „тиранска платформа“, но дел од експертите се децидни дека таквите тврдења се неточни.

Џенур Исени

-Претензиите дека ќе се формулира некоја втора „Тиранска платформа“ се апсолутни невистинити и не држат веќе од тие што пробуваат да го отрујат општестовото со вакви претензии. Вакви беа и претензиите од пред 6 години, кога викаа дека со ваква платформа Македонија ќе ја снема или дека државата ќе се федерализира или такви други глупости, но Македонија тука е и е држава членка на НАТО, вели за „Локално“ политикологот Џенур Исени.

Тој тврди дека тиранската средба има врска со потребата да се има глас повеќе за уставните измени и за разликите што постојат меѓу албанската опозиција и ДУИ за процесот што треба да се случи.

-Сигурно ќе се разговара за ситуацијата на Косово и за опасностите од руските активности на Балканот. Она што треба да им се претстави на албанските фактори во Северна Македонија и барањето до Рама и албанската влада е промената на стратегијата и тактиката и албанската дипломатија кон Србија и улогата на Србите на Косово. По ова прашање не верувам дека Рама ќе се промени, останува да видиме дали средбите во Тирана ќе бидат успешни и ќе бидат негативно протолкувани од македонска страна. Албанските политички партии и премиерот Рама се покажале дека се конструктивни фактори во државата. Дали би било мешање во внатрешни работи ако се сретнат, како што кажав тоа се само обиди за кревање тензии во општеството. А познато е дека еден од најсилните поддржувачи на евроинтегративниот пат на нашата држава беше токму Еди Рама, ни објасни Исени.

Енвер Салихи

Аналитичарот Енвер Салихи средбата во Тирана ја сфаќа како притисок кон албанските опозициски партии за влез во Владата како единствен начин за продолжување на европскиот пат за нашата држава. Тој во разговор за „Локално“ вели дека „нема простор да се сатанизира една средба која има добра цел“.

-Еди Рама во клучен момент ќе помогне за продолжување на сонот за европската перспектива на РСМ која е скоро и невозможно ако наскоро имаме избори и ако на власт дојде ВМРО ДПМНЕ-судејќи по изјавите на сите чинители на оваа партија дека би било предавство гласањето на уставните измени, а токму тоа е услов за започнување на понатамошниот прогрес на нашата држава кон ЕУ. Овие се мои претпоставки и мислам дека токму оваа е причината за овој состанок во Тирана , со оглед на блиските релации на Еди Рама со нашиот премиер Ковачевски, истакнува Салихи.

Според него, влезот на Алијанса на Албанците во власта е завршена работа и само се чека средбата со Еди Рама како веќе оваа партија да има алиби за влез во Владата.

Зуди Џелили

За поранешниот пратеник и познавач на случувањата, Зуди Џелили вакви средби имало и порано од страна на премиерот на Албанија и смета дека целта е да се пренесет пораки во корист на мирот и стабилноста на регионот.

-Меѓународната заедница е многу заинтересирана за интегрирањето на Западен Балкан во Европската унија и токму затоа испраќаат сигнали и преку Рама до албанските лидери тука, да продолжиме по тој пат, вели Џелили за „Локално“.

Тој оценува дека средбата без дилема е во корист на сите во Македонија, бидејки одредени деструктивни фактори сакат да внесат сомнежи или недоверба за иднината на земјава, сакаат да провоцираат кризи и нестабилност.

-Затоа оваа средба и други средби од страна на меѓународната заедница имаат карактер на забрзување на членството на Македонија и Албанија во ЕУ. Може да се смета и како спасување, тврди соговорникот.

-Едната страна (ЕУ и НАТО) нудат сигурност, мир и стабиност, перспектива и напредок,додека другата страна (Русија и Кина) иницират нови поделби, кризи и дестабилизација на регионот. Мислам дека во Западен Балкан прогресивните сили се убедливо побројни, додава Џелили во својата изјава.

Н.П.

Слични содржини