Широка предизборна коалиција за БРЗО ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ или за спас на ДУИ?

од Nikola Popovski
680 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ вчера во интервју сподели дека вреди да се размисли околу формирање широка предизборна коалиција во чиј состав би влегле сите партии освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

„Секоја идеја и концепт што оди во насока на креирање широк фронт на политички партии што ќе се најдат на страната на поддршка и на клучните реформи, брзото зачленување на Северна Македонија во ЕУ и отстранување на сите бариери на тој пат, е нешто за што вреди да се размисли. Владата во изминатите шест години направила многу за надминување на разликите и зголемување на кохезијата во државата“, рече вицепремиерот во гостувањето на емисијата „360 степени“.

Ваквата идеја ја актуелизира лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на новогодишниот прием на партијата на 22-ри декември.

„Локално“ упати прашања до останатите политички партии што мислат за ваквата идеја и дали е прифатлива за нив.

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин изјави дека како партија воопшто немале разговор на темата избори со коалициските партнери, ниту внатре во партијата дискутирале по ова прашање.

-Ставот на ДОМ е јасен по предвремени избори – ние сме против и сметаме дека во периодот фокусот апсолутно треба да биде насочен кон решавање на проблемите произлезени од енегертската и економската криза, да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните, спроведување на реформите и подобрување на квалитетот на животот на луѓето. Тоа е нашиот приоритет, кажа Морачанин.

Од партијата БЕСА за „Локално“ соопштија дека не сакаат да ги коментираат ваквите изјави.

-Не коментираме ставови и стратегии на други партии. Движењето БЕСА секој ден има се поголема подршка со своите автохтони политики и целта ни е да бидеме победник во албанскиот блок, кратко порачаа од партијата на Биљал Касами.

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов смета дека ваквата широка коалиција ќе биде губитничка. Тој во изјава за „Локално“ истакна дека би била на штета на националните државни интереси.

-Коалиција само како коалиција без заедничка платформа, би била губитничка коалиција. Таа тешко ќе се реализира. Тоа би било обид за спасување на ДУИ кои имаат огромни проблеми внатре. Веројатно целата иницијатива произлегува од таму бидејќи повеќе од јасно дека ДУИ во Тетово и Гостивар ги изгуби изборите. На локално ниво други партии се таму на власт, не е ДУИ и тоа би било спасување за парламентарни избори, оцени Трајанов.

Тој порача дека неговата партија не поддржува таква коалиција.

-Коалиција после изборите врз основа на резултатите може да се прави, но предизборна без да се каже која платформа…Сите демократски партии сме цврсто определени за Европска Унија и ако се прави коалиција една за ЕУ, а другите што нема да бидат во коалиција против ЕУ, мислам дека е нелогично. Клучно е кој ја доведе државата во ваква ситуација. Сега ние повторно да менуваме Устав и да правиме отстапки…Тие што ја вовлекоа државата во ваква криза веројатно ќе добијат казна од граѓаните. И сега да се направи дополнителна коалиција со сите албански партии и СДСМ, мислам дека не е одговорна платформа. Тешко ќе помине, ако сакаме ДУИ да го спасиме е друга работа, но мислам дека најголем губитник во таква ситуација ќе биде СДСМ, вели Трајанов.

Од друга страна од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Владата не може да ја придобие довербата на мнозинството граѓани. Портпаролката на партијата, Марија Митева ни изјави дека „Владата веројатно ќе се обидува да придобие уште еден грст политичари во замена за министерски или директорски функции“.

-Хрватите имаат соодветна поговорка која може да ги отслика и политичките желби на владата на СДСМ поддржана од ДУИ, а тоа е ‘што се баби хтило, то се баби снило’. Европски стандард е владата и премиерот да ги бира народот на избори, а не како Ковачевски и Ахмети кои сметаат дека државните функционери треба да му бираат влада на народот. Како и да е, владата која нема народен легитимитет најчесто нема ни капацитет да работи во интерес на народот, и порано или покасно таквите влади паѓаат, кажа Митева за „Локално“.

Енес Ибрахим, претседателот и пратеник од Партијата за движење на Турците за нашата редакција изјави дека секој добронамерен и конструктивен предлог треба да се преиспита.

-Сметам дека нашата држава поминува низ еден исклучително важен момент кој дефинитивно ќе ја трасира траекторијата низ која сакаме да се движиме како општество. Предлогот за широка европска коалиција може да биде вредна за размислување, но за истата да биде функционална и ефективна треба да се формира со европски манири, но и на тој начин да делува. Доколку оваа широка проевропска коалиција би функционирала со европски менталитет и вредности се разбира дека може да носи поволни резултати, но во никој случај не смееме да дозволиме балканизација при еден ваков сериозен процес, бидејќи во тој случај ќе се појават нови општествени проблеми кои само ќе ја комплицираат целата ситуација. Во овој случај ние потребно да се однесуваме европски а не балкански, ни рече Ибрахим.

Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) смета дека е потребно да има техничка Влада.

-Според нашето мислење, во најдобар интерес, со оглед на кризата, е да има техничка влада со оглед дека редовните избори се за повеќе од година дена. Техничката влада составена од широка коалиција во меѓувреме би можела да изнајде начин и политичка волја да работи на решавање на актуелните прашања, но и да се подготват соодветни услови за одржување на фер и демократски избори, истакнаа од партијата за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини