Немало труење со храна во мензата на студентскиот дом „Пелагонија“ откако надлежните институции утврдиле дека немало бактерија во земените примероци. Ова за „Локално“ утрово го соопшти директорот на домот, Агим Фејзулаху.
-Нема пронајдено ништо, односно нема бактерии кои што би довеле до последица од труење на студенти. Мензата е повторно отворена и ние почнавме со работа, рече Фејзулаху во разговорот.
Ова следува откако на 28-ми декември минатата година од „Студентски отпор“ објавија дека до нив пристигнала информација за труење од храна во домот, при што неколку студенти биле хоспитализирани.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Центарот за јавно здравје и претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршија вонредна инспекциска контрола во кујната, при што таа беше привремено затворена.
За лабораториско испитување, земени беа шест мостри од храната која се послужувала и осум брисеви од работните површини и опремата.
Фејзулаху тогаш информираше дека 600 студенти користеле оброк во текот на денот и дека од нив само 6 пријавиле лоша состојба.
Н.П.