Директорот на „Пелагонија“: Чекаме резултати од земените мостри, од 600 студенти само 6 пријавиле

од Nikola Popovski

Директорот на студентскиот дом „Пелагонија“ Агим Фејзулаху во изјава за „Локално“ вели дека се уште не е сигурно дали студенти се затруле со храна од мензата во домот. Тој информира дека надлежните служби го посетиле домот и земале мостри од јадењата.

-Беа надлежните институции – Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство. Истите зедоа примероци, тоа што ние треба да ги чуваме 48 часа после исхрана и сега чекаме резултати од нив. 600 студенти користеле оброк во текот на вчерашниот ден во однос на ручек и вечера и од нив само 6 пријавиле лоша состојба. Тие дојдоа со анкетни листови. Штом ќе ги имаме резултатите ќе бидат објавени. Се уште не е сигурно дали се работи за труење со храна од кај нас, ни објасни Фејзулаху.

Ова следува откако од „Студентски отпор“ денес објавија дека до нив пристигнала информација за труење од храна во домот. Како што велат тие, згрозени се од таквата ситуација и ја следат целата состојба со овој немил настан.

Се огласија и од подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинија дека студентот се соочува со недостиг на основни услови за живот.

-Додека ние како младина со години предупредуваме на опасноста од негрижата, нехуманите услови и незаинтересираноста на власта кон оваа тема, во студентските домови се нема сменето буквално ништо. Ја следиме ситуацијата и подготвени сме да реагираме соодветно. Гласот на студентите повеќе нема да биде игнориран, објави меѓу другото претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов.

Н.П.

Слични содржини