Курти: Границата меѓу Косово и Србија стана граница на НАТО и Русија

од Nikola Popovski
209 прегледи

Постигнувањето договор меѓу Косово и Србија зависи од притисокот на Западот врз Белград и плановите на западните земји за Балканот, изјави косовскиот премиер Албин Курти, додавајќи дека нема договор бидејќи нема дијалог, што е одговорност на Европската унија.

Во интервју за виенскиот дневен весник „Пресе“, како одговор на изјавата дека тензиите меѓу Србија и Косово „ескалирале“, и тоа по втор пат за само неколку месеци, и на прашањето кога би можело да дојде до нова ескалација, Курти рече дека е тешко да се предвиди, бидејќи според него, се зависи од Србија.

– Екстремистите поддржани од Белград поставија 16 барикади на северот на земјата. Се надевам дека нема да се повтори – рекол Курти, пренесува „Kosovoonline“.

Тој додал дека Белград не прифаќа оти Косово е независна земја и се обидува да го поткопа, како и дека апликациите на Приштина за членство во Советот на Европа и ЕУ, како и економскиот напредок создаваат „нервоза во Белград“. На прашањето дали може повторно да има воени конфликти, Курти изрази надеж дека тоа нема да се случи, но изјави и дека Србија има 48 воени и полициски бази околу Косово.

– На нашата граница и на северот од земјата видовме луѓе со ознаки на националистичките руски моторџии „Ноќни волци“ и руската платеничка група „Вагнер“ – тврди Курти.

Тој, исто така, вели дека е загрижен, не само за Србија, туку и за односите на Србија со Русија, а како одговор на изјавата дека Белград отсекогаш имал добри односи со Москва, рече дека тоа е точно, но дека Србија во последно време „на големо се свртела“ кон Кремљ.

– Белград не учествува во санкциите против Русија, има склучено многу договори со Москва, а за шеф на српската разузнавачка служба е поставен Александар Вулин, најпрорускиот српски политичар – додаде тој.

Според него, ЕУ може и треба да дејствува повеќе против влијанието на Русија, не само со фокус на руската агресија во Украина, туку и на штетното влијание на Москва на целиот континент, а пред се на Балканот, кој се уште не е целосно интегриран. во ЕУ.

– Во Србија Кремљ има режим кој сака да биде хегемон на регионот – тврди Курти.

Тој навел и дека поради блиските врски меѓу Белград и Москва ситуацијата е таква што, како што вели, независноста на Косово сега не мора да се брани само од Србија, туку сè повеќе и од Русија.

– Границата меѓу Косово и Србија стана граница меѓу НАТО и Русија – вели Курти.

Кон ова тој додал дека Косово сега формира своја армија и сака да влезе во НАТО.

На прашањето за барањето на Србија да испрати свои безбедносни сили на Косово, Курти рече дека командантот на КФОР „се разбира одбил“ и, додава тој, никој не очекувал поинаква одлука.

– Во 1999 година, српските војници под водство на Слободан Милошевиќ извршија геноцид на Косово. Тоа покажува дека ликот на Вучиќ не се разликува многу од неговиот претходник – вели Курти.

Слични содржини