Политичката партија Македонски Концепт, јавно реагира со неодобрување и барање да се преземат идни институционални мерки по повод неофашистичките напади врз уставниот поредок на Македонија од страна на европскиот пратеник и избугарен Македонец, Ангелче Џамбаски од Бугарија.
„Имено, при организирање на панихида за смртта на македонската револуционерка, тетовчанката Мара Бунева, на присутните граѓани од Македонија, Бугарија и Албанија, им се обрати фашизоиден европратеник Ангелџе Џамбаски, срам за самата ЕУ, кој во илјада наврати ја негира и навредува Македонија, плука по нашата историја, јазик и култура, му е дозволено да влага во земјава, да шири антимакедонски пароли, да држи митинг на кој земјава ја обвинува за геноцид, јавно да кажува дека не го признава уставниот поредок на Македонија и ги поканува тие што се декларираат како македонски Бугари да не го прифаќаат македонскиот државен поредок, вее знамиња на држава која не негира и да поставува спомен плочи на бугарски јазик, без да се почуваа законската регулатива во областа.
Во насока на ширење на говор на омраза, лицето Ангелче Џамбаски меѓу другото, продолжи со ширење на антимакедонската живковистичка пропаганда од минатиот век преку лиферување на фабрикувана историја, го опиша Илинденското востание како „најголемото бугарско Илинденско – Преображенско востание“, што е најгруба форма на историски негационизам, казниво по барање на Совет на Европа во земјите членки на ЕУ, меѓу кои за жал и антиевропска Бугарија.
Подоцна на неговата Фејсбук страна, а во врска со посетата на Скопје, ќе напише: „Да живее обединета и неделива бугарска нација, од Охрид до Црното Море и од Дунав до Белото Море. Да живее бугарска Македонија, да живее Бугарија“.
Ваквите пораки на избугарениот Џамбаски, не може да се дефинираат поинаку, освен како иредентистички – со јасна намера на рушење на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија и обид за нејзино припојување кон соседна Бугарија. Истите се и школски пример на сеење на меѓуетничка омраза и нетрпение меѓу македонските граѓани, како и нетрпение меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Имајќи предвид дека горенаведеното во Република Македонија е кривично дело, Македонски концепт бара, во најмала мера, од надлежното министерство – МНР да спроведе забрана за влез во РМ на лицето Ангелче Џамбаски.
Понатаму бараме надлежното обвинителство да поведе судска постапка против истото странско лице за повреда на територијалниот интегритет на РМ, и поттикнување на меѓуетничка омраза“, посочуваат од Македонски Концепт.