Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека е отворена можноста за соработка со партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат на земјата. Ковачевски ова го кажа по најавата на пратеникот Скендер Реџепи Зејд дека ќе се сретне со премиерот.
„Во неколку наврати јавно кажав дека е отворена можноста за соработка со партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат на земјата, кои ги поддржуваат реформите во економијата, правосудството и во сите значајни области во државата. Мојата цел е напредок на земјата и унапредување на животот на сите наши граѓани. Средби со пратениците, од различни политички партии и кои делуваат независно се нормална работа во една демократија. Во оваа насока може да има средба со кој било пратеник за прашања важни за граѓаните а коишто се во надлежност на Владата којашто ја предводам. Со господинот Реџепи сме имале и ќе имаме средби“, рече Ковачевски за ТВ21.
Вчера во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 Реџепи истакна дека ќе се сретне со премиерот Ковачевски и дека со него ќе разговара и за меѓународната истрага за судските предмети, односно за ветувањето со кое Алтернатива влезе во Владата.