Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска објави дека очекува кампањите за вакцинација против ковид да се спроведуваат еднаш годишно, слично на случајот со вакцинацијата против грип.
Иако вирусот што предизвикува ковид-19 сè уште не се однесува како сезонски вирус за време на зимските бранови во умерените клими, шефот на здравствените закани и стратегија за вакцинација на ЕМА, Марко Кавалери, на прес-конференција рече дека ова може да биде насоката кон која треба да се оди, пренесе „Ројтерс“.
Во Европа има забележливо намалување на бројот на нови случаи на ковид, хоспитализација и смртност – најниски нивоа забележани во Европската унија во изминатите 12 месеци, рече тој, повикувајќи се на податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести.