Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, денеска соопшти дека ЕУ со новиот, 10-ти пакет санкции против Русија опфатила повеќе од 120 физички и правни лица и вовела значителни ограничувања на увозот и извозот со цел уништување на „руската воена машинерија“.
„Со нашата листа целиме на оние кои се одговорни за депортацијата и присилното посвојување на најмалку 6.000 украински деца. Ова е јасно кршење на меѓународното право, вклучително и Женевската конвенција, како што реков вчера во Советот за безбедност на ОН“, додаде високиот претставник на ЕУ.
Шведското претседателство со ЕУ вчера објави дека Европската унија го усвоила десеттиот пакет санкции против Русија и дека Брисел ќе ја поддржува Украина „колку што е потребно“.