Дел од партиите против предлогот за „Заедница на албански општини“: „Се разгоруваат меѓуетничките тензии кои не одат никому во прилог“

од Nikola Popovski
270 прегледи

Партијата Алтернатива која од неодамна повторно стана опозиција, за првпат во јавноста ја начна теоријата за формирање на т.н. Заедница на албански општини во Македонија, налик на најавената Заедница на српски општини (ЗСО) во Косово. „Прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во Северна Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на Заедницата на албанските општини во Северна Македонија со истите надлежности со кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Да ја започнеме уште денес. Добар реципроцитет и, воедно, европски, нели?! Можеби на тој начин доаѓаме и кај темата на јазичен реципроцитет помеѓу албанскиот јазик во Северна Македонија и српскиот јазик во Косово“, стои меѓу другото во предлогот на партијата на Африм Гаши.

За дел од другите партии кои одговорија на повиците на „Локално“ за ваквото барање, ова го сметаат за несериозни изјави. ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека во Македонија дел од Уставот е Рамковниот договор кој практично го гарантира унитарниот карактер на Република Македонија.

-Ако пак има политички партии кои сакаат да го напуштат Рамковниот договор треба тоа јасно да им го кажат на граѓаните, велат од партијата за нашата редакција.

Сметаат дека ваквите несериозни изјави придонесуваат кон разгорување на меѓуетнички тензии кои не одат никому во прилог.

-Уште еднаш предупредуваме и бараме од сите политички партии во Македонија да имаат одговорно и пред се државотворно однесување, а политичките авантури да ги остават зад себе, децидни се од ВМРО-ДПМНЕ.

Со сличен став се и од Партијата за движење на Турците (ПДТ). Нивниот лидер и пратеник Енес Ибрахим за „Локално“ истакна дека предлогот на Алтернатива за формирање е политички несериозен предлог кој не само што не носи никаква суштинска придобивка, туку се создава перцепција дека е нафрлен произволно со цел за дефокусирање на јавноста.

-Особено е разочарувачки што ваквите потези доаѓаат од политички субјекти кои во своите програми се повикуваат на важноста на евроинтеграциите, а од друга страна јавноста ја гушат со вокабулар и ставови кои само го отежнуваат евроинтеграцискиот процес, вели Ибрахим.

Тој истакна дека Охридскиот рамковен договор е стожер за правата на сите етнички заедници во нашата земја и треба да се залагаме за неговото спроведување, а не да излегуваме со популистички предлози кои во суштина се празни.

-Ваквиот пристап не носи никаква придобивка за унапредување на граѓанскиот карактер на Република Северна Македонија, посочува пратеникот и лидер на ТХП.

Од партијата БЕСА само кратко ни порачаа дека ова се сериозни теми за сериозни партии и допрва во највисоките партиски органи треба да изградат став за ваквиот предлог.

Да потсетиме „Локално“ прв пишуваше за ваквата теорија пред речиси две недели откако тезата ја начна советникот на косовскиот премиер Албин Курти и член на Самоопределување, Елвис Хоџа. Тој сметаше дека прва на удар ќе биде Северна Македонија, каде албанската заедница може да излезе со слично барање за заедница со албански општини објавувајќи карта на која може да се протегне таквата заедница. Повеќе за ова прочитајте ТУКА.

Н.П.

Слични содржини